Фич го потврди рејтингот ББ, но се уште гледа политички ризици за земјата

5 August, 2017 - 16:16

Агенцијата Фич го потврди постојниот кредитен рејтинг на Македонија ББ, но останува и негативниот изглед за земјава. Според министерот за финансии Тевдовски, на оваа потврда влијаеле кредибилните политики, кои овозможиле стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски раст.

Од „Фич“ напишале дека пролонгираната политичка криза е надмината со формирањето на новата Влада. Кон крајот на мај, се вели во извештајот, Зоран Заев, лидер на СДСМ, беше назначен за премиер, во формална коалиција со партиите на етничките Албанци, официјално завршувајќи ја пролонгираната политички пауза.

„Планот 3-6-9“ на Владата за политики ориентирани кон членство во НАТО и ЕУ и враќање на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции се соочува со значајни предизвици во имплементацијата. Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, додека локалните избори ќе претстават првичен тест за напредокот на владата“, велат од Фич.

Всушност, Фич се уште гледа ризици за ефективно водење на економските политики, повисок раст и напредок кон ЕУ. Агенцијата смета дека рејтингот може да се подобри ако значајно се намали политичката неизвесност, и доколку се спроведе кредибилна среднорочна фискална консолидација, со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Но, наспроти ова, тој би можел да биде влошен, ако се повтори политичката нестабилност, фискалната недисциплина, или ако се прошират надворешните нерамнотежи, предупредуваат од Фич.

Изворик на Телма велат дека Владата очекувала дека кредитната агенција ќе ја тргне забелешката за негативен изглед, но таа останала на својот конзервативен став.

И експертите имале слични очекувања, но велат дека новата Влада ќе има простор да се докаже и да се подобри рејтингот, што, пак, би значеко поевтини извори за задолжување на земјава на меѓународните пазари.  

„Генерално, очекувањето беше дека ќе се промени изгледот и од негативен ќе премине во стабилен или позитивен, но оваа Агенција оди по линија на претпазливост, и прво сака да види да се испорачаат одредени резултати на економски и на политички план, па тогаш да ја променат оценката“, вели финансискиот аналитичар Горан Марковски.

Економскиот раст за годинава е ревидиран на 2,3 отсто, но од Фич сметаат дека формирањето на Владата ќе ги подобри економските очекувања и ќе се овозможи просечен раст од 3,2 отсто во 2018 -  2019 година. Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз веќе растечкиот тренд на државниот долг, со 39,9 проценти во 2017, тој е проектиран значително под просекот од 49,5 отсто од БДП на земјите со сличен кредитен рејтинг, велат од Министерството.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 892 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.