Ферхуфен: Студенчишко блато треба да се конзервира и заштити, а не да се гради

19 May, 2017 - 10:51

Студенчишко блато треба да се конзервира и заштити, а не да се гради, смета претседателот на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми Д-р Јос Ферхуфен кој деновиве престојува во Охрид.

„Сметам дека предвидените проекти кои се планираат на овој простор ќе го унишатат целосно блатото, но тие можат да се реализираат на друго место без да се загрози блатото. Ова е последното блато кое останало на Охридското Езеро. Слушам дека државата сака да заштити само 5 хектари од него што не е доволно и тоа сигурно ќе значи негово целосно исчезнување во иднина“, истакна д-р Ферхуфен.

Еминентниот научник вели дека Студенчишко блато веќе има претрпено многу штета и дека од исклучителна важност е тоа да се ревитализира.

„Многу би помогнало доколку граѓаните и гостите знаат повеќе за ова блато, да се едуцираат, зато размислуваме тука да се отвори центар за посетители и да им се покаже на луѓето како функционира овој систем. Тој би имал и туристичка намена. Тоа е еден од начините за одржлив развој, односно за заштита на животната средина и екномска придобивка“, додаде д-р Ферхуфен.

Охрид во 2018 година ќе биде домаќин на годишниот конгрес на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми.

Горан Момироски

Веста е прочитана 1246 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.