Европските синдикалци на средби со Митревски и иклучените синдикати

16 February, 2017 - 16:14

Митревски вели дека нема потреба некој да посредува, неговите противници ја очелуваат судската разврска на случајот.

Европските синдикалци во обид да го средат синдикалниот хаос во Македонија. Четворица високи претставници на Европската конфедерација на синдикати вчера и денеска во Скопје разговарале со двете спротивставени страни за случувањата во Сојузот на синдикатите на Македонија. Побарале на проблемот да се пристапи со дијалог и Живко Митревски да дозволи четирите исклучени синдикати да се вратат во работничкиот дом. Од Европската конфедерација изразија загриженост за конфликтот во ССМ пред еден месец, кога преку писмо изразија подготвеност да посредуваат меѓу двете страни.

„Уверени сме дека ова е штетно за македонското синдикално движење за кое вреди да се изнајдат подобри начини за разрешување на контроверзните внатрешни проблеми, на транспарентен и демократски начин, без насилство и со меѓусебно почитување. Ве поттикнуваме веднаш да ги запрете овие ескалирачки борби и да не си попречувате еден на друг во извршувањето на синдикалните активности“, порача Европската конфедерација на синдикати.

Од друга страна, претседателот на ССМ, Живко Митревски со став дека нема причина од ничие посредништо, бидејќи како што рече, обидот за негова смена бил само насилен упад на група претседатели на грански синдикати.     

„Нема причина зошто некој да посредува. Ние ја поздравуваме секоја активност која оди во делот на анализа на состојбите кои се присутни во сидникатите. Впрочем, ССМ со ова раководство, со овие претседатели успејаа после толку години да станат членка на европската и на светската конфедерација на синдикати и секој интерес е добредојден кој оди во прилог на збогатување на сидникалните права во Република Македонија“, смета Митревски.

Од четирите синдикати возвраќаат дека целата постапка за смена на Митревски е направена во согласност со статутот на ССМ и бараат да се вратат во работничкиот дом. За случајот се води предистражна постапка во обвинителството. Претставниците на четирите синдикати дале исказ и презентирале материјални докази. Митревски тврди дека до сега не бил повикан на разговор. 

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 860 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.