„Европа е мојот сон, сепак сум песимист за нејзината иднина“ – Клаудио Магрис

19 November, 2017 - 16:05

Јас сум голем сонувач и Европа е мојот сон, сепак во моментов сум песимист поради фактот дека во изминативе години Европа е во вистинска криза, вели истакнатиот италијански и светски писател Клаудио Магрис, добитник на најпрестижната италијанска награда за литература „Стрега“ за делото „Микрокосмоси“.

„Економската криза во Италија секако ќе се почувствува во другите земји. Ние сите сме свесни за тоа и од тоа нема бегање. Тоа што треба да се направи е да се избегне едногласието во  Европа. И тоа едногласно донесување одлуки е тоа што ми пречи, тоа не е демократски. Не може еден глас да биде оној доминантниот, сакам да има повеќегласие, така ја замислувам. Меѓутоа не сум голем оптимист. Многу, многу треба да се биде внимателен и за жал во овој миг сум песимист и би посакувал една поинаква Европска Унија“.

Речиси е невозможно да размислувате за културата и при тоа да не дојдете до заклучок дека политиката е присутна во многу нејзини сегменти, додава Магрис.

„Литературата и политиката се многу поврзани, ама јас тоа го гледам малку поинаку. За мене политика е полис, нашето живеење заедно жени и мажи, кои стапуваат во некои односи и живеат едни со други, или едни покрај други. Кога пишуваме ние влегуваме во животите на другите, ние ги раскажуваме нивните животи, потоа тие нивни животи стануваат малку и наши,  така што нашата општествена поврзаност е моето видување на односот помеѓу литературата и политиката“.

Во 2007 Магрис беше во најтесниот избор за Нобелова награда за литература. Неговите дела се преведени на повеќе светски јазици, сепак не го криеше своето задоволство на средбата со читателите имајќи предвид дека на македонски јазик се објавени три негови дела, романите: „Запрена постапка“, „Друго море“ и „Микрокосмоси“. 

Нина Стефанова

Веста е прочитана 2796 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.