Ердоган во историска посета на Грција

7 December, 2017 - 10:39

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ќе допатува во дводневна историска посета на Грција, чија цел е да се забрза подобрувањето на односите меѓу двете земји, кои се оптоварени со повеќе спорови. 

Ова е прва посета по онаа во 1952 година. Ердоган ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со премиерот Алексис Ципрас, по што ќе отпатува во Западна Тракија, каде ќе има средби со претставници на локалните жители, кои за Грција се „муслиманско“, а за Турција „турско малцинство“. 

Се очекува главни теми на разговорите на Ердоган со неговите грчки домаќини да бидат мигрантската криза, регионалните односи, енергетиката, како и кипарскиот проблем.

Портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калан вчера изјави дека Анкара се надева оти посетата ќе придонесе за развој и зајакнување на билатералните односи.

Главни спорови во односите меѓу Атина и Анкара и натаму е линијата на разграничување во Егерјското море, проблемот на поделениот Кипар и правата на муслманите во Тракија, а од минатата година и барањето на Турција за екстрадиција на осуммината турски воени офицери, кои побегнаа во Грција по ланскиот обид за воен удар.

Во пресрет на пристигнувањето на Ердоган, во Грција се воведени засилени безбедносни мерки, а властите забранија и одржување на секакви собири во центарот на Атина.

Веста е прочитана 519 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.