Елеонора Петрова: УЗКН ќе се реформира

18 August, 2017 - 11:11

Ќе се реформира Управата за заштита на културното наследство. Оваа одлука е меѓу приоритетите на новата в.д. директорка, Елеонора Петрова Митевска. Како што вели, ја затекнала Управата многу бирократизирана и прв меѓу приоритетите, ќе и биде враќањето на нејзината функцијата, поврзана со заштитата на културното наследство.

„Оваа институција е формирана 2004 година, со акцент на управување, на правните аспекти. Меѓутоа , основата била заштитата на движното, недвижното и на нематеријалното, односно духовното наследство. Во меѓувреме, во годините некако тоа се изместило, па станала премногу бирократизирана, а заштитата на културното наследство , особено движното и нематеријалното , полека дошле на најниските стапалки на интересот на оваа институција. Ете, од тука би се започнало“, вели Елеонора Петрова Митевска, в.д. директорка на УЗКН

Како дел од реформите ќе биде спроведена ревалоризација на културното наследство, нова систематизација на работните места во Управата и поголема соработка со Министерството за култура , со цел подобра заштита  на културното наследство. В. Д. директорката најавува испитување на сомнежите за незаконско работење во УЗКН, во изминатава декада, поврзани со капиталните, истражувачки проекти на Плаошник и на Скопското кале.

“Моите европски пријатели секогаш  ми го споменуваа Плаошник и најверојатно тука ќе треба да се стави акцентот, сето тоа да биде во рамките на УНЕСКО. Односно на заштитата на споменичното наследство и формите на таа заштита. Исто така и активностите, односно работата на Скопското кале“, објаснува Петрова Митевска.

Не исклучува ни ревизија на финансиското работење, по проверката на документацијата за капиталните проекти. Не е сигурна, дали по истекот на мандатот ќе се кандидира за директор на УЗКН. Но вели, има енергија, знаење и европско искуство за реформирање на Управата.  

 Сотир Трајков

 

Веста е прочитана 1362 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.