ЕК свикува вонреден состанок за аферата со контаминираните јајца

11 August, 2017 - 17:13

Во петнаесет земји членки на Европската унија, Швајцарија и Хонг Конг пристигнале и биле продавани јајцата контаминирани со фипронил. Двајца раководители на компании се уапсени во заеднички рации на властите во Белгија и Холандија, по откривањето на скандалот со инсектицидот користен на неколку живинарски фарми во Европа.

„Имаше претреси на осум локации, беа конфискувани возила и имоти како и банкарски сметки. Двајца менаџери се уапсени“, вели портпаролот на Канцеларијата на јавниот обвинител во Холандија.

Европската комисија, најави дека ќе свика вонреден состанок на министрите во врска со јајцата загадени со инсектицидот во обид да се стави крај на обвинувањата и омаловажувањата поради овој скандал. Комисијата потврди дека инсектицидот бил откриен на живинарски фарми во Германија, Холандија, Белгија и Франција и истите биле веднаш затворени од властите. Брисел ги повика четирите земји да престанат со меѓусебни обвинувања за тоа кој кога го открил скандалот и зошто веднаш не го пријавил. 

„Нема да се вклучиме во играта на обвинувања, мислам дека европските правила се многу јасни, ги објаснивме тука и тоа е правна обврска на членките, за се што е дел од истрагата не можеме да шпекулираме тука“, рече портпаролката на Комисијата, Мина Андреева.

Состанокот ќе се одржи на 26 септември, но не е познато дали на него ќе присутвуваат сите 28 членки или само оние во кои се октриени или ќе бидат откриени контаминирани јајца. Аферата доби широк публицитет, откако ланецот супермаркети Алди, без најава ги повлече сите јајца од маркетите во Германија, за кои подоцна се потврди дека дошле од Холандија. Холандија е најголемиот европски производител на јајца и еден од најголемите извозници во светот а беше продлабочена откако во јавноста се појавија обвинувања дека Белгија знаела за случајот со загадените јајца уште во јуни, но не го пријавила во Унијата.

Игор Трајков

Веста е прочитана 892 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.