ДЗР: МАПАС исплаќал повисок К-15

20 April, 2017 - 18:57

Ревизорите препорачуваат МАПАС да го преиспита начинот на вложување на слободните парични средства. Во извештајот за работата на ова регулаторно тело, Државниот завод за ревизија констатира дека се намалиле приливите кои МАПАС ги добива со орочување на вишокот пари во деловните банки.

„Имајки ги во предвид податоците на остварените приходи кои произлегуваат од приливи на име камата од вложените средства во деловните банки и нивниот тренд на опаѓање како резултат на континуирано намалување на каматните стапки на орочените средства, ревизијата препорачува Советот на експерти во соработка со надлежните органи да предложат измени и дополнувања на одредби од Законот за задолжително финансирано пензиско осигурување, во насока на преиспитување на вложувањето/ користењето на слободните парични средства.“

Ревизорот уште обелоденува дека Советот на експерти направил измени во финансискиот план што ги опфаќаат бруто платите, дополнителни исплати и надоместоци без за тоа да го извести Парламентот. Па така во 2015 според ревизирот МАПАС на вработените им исплатил регрес за годишен одмор повисок од законски дозволениот.

“Исплатен е регрес за годишен одмор во висина од 24.000 денари, што претставува 60% од просечната нето плата исплатена во секторот финансиски дејности и осигурување. Утврдениот износ не е во согласност со одредбите од Законот за исплата на плати.“

Ревизорот посочува и на случувањата од 2015 година кога фондот за ПИОМ доцнеше со префрлање на средствата од придонесите кон двата пензиски фонда во висина од 11,3 милиони евра што предизвика негативно влијание на состојбата на сметките на сите членови на пензиските фондови.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1657 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.