ДЗР: Архивот работи без имотен лист и во неосигурани објекти

6 December, 2017 - 21:51

Стотици илјади документи со историска важност кои се чуваат во Државниот архив не биле осигурани, а новиот објект изграден како дел од проектот Скопје 2014 нема имотен лист.

Овие поразителни податоци ги откри Државниот завод за ревизија во последниот извештај за финансиската состојба во оваа институција.

Ревизорите кои ја проверувале финансиските документи на Архивот откриле низа сомнителни исплати за прекувремена работа и за патни трошоци. Утврдиле проблеми во систематизацијата на вработените, проблеми со имотната состојба на институцијата како и непотполно завршен попис на средствата.

Сепак можеби најпоразителен е фактот што објектите во кои се чуваат историските документи не биле осигурани од никаков ризик-пожар, поплава или кражба.

„За 2016 година не е извршено осигурување на објектите во кој е сместен Државниот архив, што не е во согласност со Законот за користење и располагање на стварите во државна и општинска сопственост соголасно кој државните органи треба да обезбедат чување и заштита на недвижните ствари“.

Неодамна в.д директорот на Архивот, Кирил Петров за екипата на Тoп Тема на Ваша страна откри кои се недостатоците на новата зграда во која се чува вредниот архивски материјал.

Петров смета дека целиот објект е несоодветен за архивско работење и не само вработените туку и документите се соочени со сериозни закани од поплави и пожари.

За тоа колку е опасно имотот на една ваква институција да не биде осигуран покажува и податокот за вредноста на дел од уништените предмети токму од вакви непогоди.

Ревизорите проверувајќи ја состојбата со книгите во магацинот на Архивот откриле дека во 2014 година е извршен отпис на книги вредни над 30.000 евра кои биле оштетени и уништени од поплави и влага. Проблемот е што тогашниот директор Филип Петровски не донел никаков документ за тоа што ќе се случи со овој книжен фонд.

Во делот на исплата на парите ревизорите не можеле да откријат докази за додатоците за прекувремена работа. Лани по овој основ се поделени над 10.000 евра.

„Во текот на 2016 исплатен е надомест за работа подолга од полното работно време, врз основа на одлука донесена од директорот, во износ од 670.000 денари. Не се обезбедени документи со кои ќе се потврди дека административните службеници биле ангажирани надвор од редовното работно време“

Државниот завод во ист ден објави и ревизорски извештај за Комисијата за заштита на слободниот пристап до информации од јавен карактер каде лоцира дека најголем проблем има со исплатата на патните трошоци за вработените. Тие зеле далеку помали суми од сумите исплатени по овој основ за пратениците или членовите на ДИК кои предизвикаа бура рекации во јавноста, но сепак според ревизорите нема законско покритие за овие исплати.

„Пресметани се и исплатени обврски на дел од членовите на Комисијата за надомест на трошоци до и од работно место за кои не е утврден законски основ“

За патни трошоци од 2012 до 2016 за дел од вработените се пресметани безмалку 25.000 евра. Дел од вработените во Комисијата ја тужеле институцијата во која работат за да си ги наплатат парите. Во 2016 стигнало и решение од извршител за присилна наплата на околу 15.000 евра по овој основ. Судските постапки се уште траат, но ревизорите сметаат дека ваквата пракса за незаконска наплата на патни трошоци мора да се надмине. 

Александар Манасиев

Веста е прочитана 716 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.