Дуќаните на Широк сокак со клуч на врата

11 February, 2017 - 15:40

Катанци и спуштени ќепенци, затворени дуќани и продавници. Секојдневно на голем дел од објектите осамнува натпис дуќанот се издава или се продава. Вака изгледа Битола деновиве. Загржижени трговци и граѓани. Велат сиромаштијата чука на сите врати. Од плоштадот Магнолија до Офицерскиот дом, на битолски Широк Сокак, само во последните неколку недели се затворени над  десет  продавници. Голем број семејства остануваат без егзистенција. Граѓаните велат Битола ги живее најтешките денови, безработицата го уништува градот,  младите се иселуваат.

„Штом не работаат младите, чаршијата не работи. Секој втро дуќан е затворен. На Широк Сокак половина дуќани се затвоени. Тоа никогаш не било, јас во моите долги години живот не паметам вакво нешто“, изјави битолчанец.

„Многу тешко, дуќаните се затвораат, од ден на ден пропаѓаме, тонеме. Младите ни бегаат, до каде ќе одиме, кој ќе не води. Децата чекаат дома пензионерите да даваат.“

„Дуќаните се затвораат, политиката не чини, младите ни бегаат од државата, многу тешко“,  велат граѓаните.  

Опустошена е и старата битолска чаршија, а занаетчиството и трговијата се во изумирање. Трговците чекаат муштерии и се прашуваат кој следен ќе ги спушти ќепенците од  дуќанот. Велат причина за ваквата состојба е намалената потрошувачка и високите закупнини за просторот, заради што не можат да ги покријат месечните трошоци.

„Повеќе од половин дуќани во чаршијата се затворени. Јас сум 60 години дуќанџија, но цел ден седиме сега“, вели еден дуќанџија.

„Нема промет, кириите се  големи, пари нема“, вели друг дуќанџија.  

Во Битола одамна нема ниту нови инвестиции. Во изминатите 9 години откако е отворена индустриската зона „Жабени“, таму е изградена и работи само една фабрика, и покрај тоа што во зоната се прдадени голем број парцели. На последниот отчeт минатата недела, градоначалникот Владимир Талески, изјави дека негов приоритет во изминатите три мандати било намалување на невработеноста и најави три нови инвестиции што треба да се реализраат оваа година. 

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 14079 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.