Домашната литература недоволно пласирана во светот

15 July, 2017 - 16:18

Франкфурт, Москва, Белград и Истамбул се познати саеми на книги, каде со години наназад се претставува литературата од Македонија. Но и покрај тоа, домашната литература останува непозната за читателите од светот, се жалат нашите писатели и издавачите. Според нив, причината е во неприменувањето на светските искуства и во оставањето на писателите и издавачите сами да се снаоѓаат.

„Треба поагилно издаваштво, поагилни автори, агенти кои би се грижеле за тие автори кои што пишуваат, бидејќи не можеме да се базираме на тоа дека сме мала средина, дека авторите треба се сами да поднесат. Значи треба секако да се вклучи тоа светско работење“, изјави Жарко Кујунџиски, автор и основач на издавачка куќа „ Антолог“.

Еден од начините како Европа ја подржува и промовира литературата во рамките на своите граници, е проектот „ Креативна Европа- подпрограма за литературни преводи“, кој е продолжение на проектот „ Култура 2007-2013“. Преку овој проект,  домашните издавачи, доколку поминат на конкурсот, добиваат сретства за превод, за објавување дела од докажани странски автори кај нас.

„Во рамките на програмата „ Култура 2007-2013“ имавме 32 подржани проекти, а веќе во рамките на „ Креативна Европа“, имаме 16 подржани проекти“, Билјана Прентоска, Одделение за „ Креативна Европа“ при Министерство за култура.

Претходната власт, спроведуваше конкурси на годишно ниво,  за подршка на странските издавачи за преводи на репрезентативни дела од домашните автори. Но според Мондик Габор од канцеларијата за „ Креативна Европа“ од Унгарија, најдобар пласман за секоја национална литература е преку присуство на интернационалните саеми на книги.

„Треба да бидете присутни на меѓународните саеми на книги, да бидете претставени. Треба да организирате настани на меѓународните саеми, да ги поканите авторите. Всушност , јас мислам дека треба да се биде присутен интернационално“, изјави Мондик Габор, канцеларија за „ Креативна Европа“ во Унгарија.

Од Министерството за култура велат дека ќе работат на унапредување на пласманот на домашната литература на меѓународниот пазар, преку изготвување стратегијата за култура , за следниот 4 годишен период, во чија изработка ќе бидат вклучени сите засегнати страни. Од досегашните искуства на чинителите на нашата литературна сцена, ќе се оцени и дали треба да продолжи или да се прекине финансирањето странски издавачи за преводи и објави на домашни дела во меѓународни рамки, дополнуваат од ресорот култура.

 Сотир Трајков

 

Веста е прочитана 772 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.