Договорот за добрососедство со Бугарија, утре на затворена седница на Комисијата за надворешна политика

17 July, 2017 - 20:00

Утре, на затворена седница, на собраниската Комисија за надворешна политика, ќе биде претставен  нацрт - договорот за добрососедство со Бугарија. Седницата, е закажана откако денеска, до Комисијата за надворешна политика било упатено барање од Владата, а најавено е дека на седницата, ќе присуствува и премиерот Зоран Заев.

Договорот за добрососедство со Бугарија треба да биде потпишан на втори август. Деталите, пред десетина денови, ги договорија министрите за надворешни, Никола Димитров и Екатаерина Захариева. Опозицијата, тогаш ја обвини власта дека го крие договорот и побара да го објави јавно.

Во меѓувреме, и македонските, и бугарските власти, објавија дека договорот е составен врз основа на заедничката декларација, што пред 18 години, ја потпишаа тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, вели дека целта на договорот е двете земји да ги унапредат односите и да го потврдат својот политички ангажман во меѓународно-правен документ.  

Марија Дивитарова

Веста е прочитана 8351 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.