ДКСК не може да го услови минималецот и стечајниот надоместок

9 October, 2017 - 21:24

Надлежните институции смируваат. Исплатата на минималната плата и надоместокот за стечајците ќе се врши според договореното, а тоа значи дека зголемениот септемвриски минималец ќе биде исплатен до 15 октомрви, а надоместокот на стечајците, најдоцна 60 дена од поднесувањето на барањето. Од Министерството за труд ги отфрлаат обвинувањата на антикорупциската комисија дека на овој начин се кршат Изборниот законик и Законот за спречување корупција, бидејки според нив, се работи за закони кои се предложени од пратениците, донесени се во парламентот и истите треба да се имплементираат од надлежните институции. Од Агенцијата за вработување уште додаваат дека се работи за редовни исплати кои се обезбедени со ребаланост на буџетот.

„Исплатата на материјалното обезбедување во вид на паричен надоместок не претставува вонредна исплата, туку станува збор за право согласно Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, врз основа на кој ќе се врши редовна месечна исплата. Таа исплата се врши и по основ на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработенсот, Законот за материјално обезбедување во вид на паричен надоместок од 2008 година и од 2014 година“, велат од АВРМ.

Сличен став имаат и експертите. Законите што ја регулираат оваа проблематика се донесени пред почетокот на изборниот процес и нелогично е, вели професорот Кадриу, Антикорупциска да бара одговосност од институциите што ќе ги направат исплатите.

„Нема законска основа за одговорност. Институциите го спорведуваат законот а таму нема забрана за исплата. Станува збор за гарантирана минимална плата со закон исто како и за стечајците. Овие права тие ги црпат од законот во кој не е предвидено забрана или пролонгирање на обврската на државата“, вели професорот Кадриу.

Антикорупциската комисија укажа дека со исплата на минималната плата и надоместоци за стечајците во изборен период се врши повреда на законите, бидејки според нив се работи за вонредни исплати од буџетски средства. Од таму сугерираат примената на Законите да се врши по завршување на изборниот процес, во спротивно најавија покренување на одговорност за раководните лица на органите на државната управа, фондовите, агенциите, јавните установи, независните регулаторни тела и друштва основани од државата.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1081 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.