Димитров: Не очекувам предлог од Нимиц на средбата во Брисел

17 November, 2017 - 21:29

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, не очекува Метју Нимиц во Брисел да дојде со нов предлог за името. Ова вечерва во Топ Тема на Ваша страна го изјави Димитров, кој сепак се огради со зборовите „ќе видиме“.

„Мислам дека првата средба по подолго време ќе биде искористена од Нимиц за купување на сигнали од двете страни и дека нема баш на таа средба да има предлог, но ќе видиме“, изјави Димитров.

Министерот за надворешни работи притоа информираше дека во Брисел на средба со Нимиц ќе оди досегашниот преговарач, Васко Наумовски, но придружуван од висок дипломат, чие име Димиторв не сакаше да го открие, па дури и рече дека „може да бидат и неколку и да се менуваат“.

Во интервјуто во Топ Тема на Ваша страна тој не сакаше да ги открие црвените линии на Макеоднија во преговорите за името велејќи дека јавно соопштување во основа го стеснува просторот за поместување во спорот.

„Кога јавно ги соопштувате црвените линии, со тоа јавно ќе им соопштам на Грците која е нашата последна линија, а целта е да се заштитат националните интереси и да постигнеме решение. Во основа можат многу тешко да се спроведат преговори ако упатувате пораки преку јавноста. Нема да биде корисно за нас, пред да биде почнат процесот, да се отвориме“, рече Димитров.

Притоаа рече дека тој лично нема да си дозволи да брани решение за името кое не се брани и кое го засега македонскиот идентитет.

Тој во интервјуто антиквизациијата на македонската историја ја нарече авантура која беше штетна за Македонија, не само кон надвор, туку и кон односите внатре во земјата.

„Тоа беше една недоговорна политика“, е ставот на Димитров по прашањето на антиквизацијата.

Притоа тој рече дека Грција никогаш директно не ги поставила како услов отстранувањето на споменикот на Александар Македонски или преименувањето на аеродрмот и ќе биде прашање на проценка, зависно од моментот, дали ќе ние ќе бараме отстапка од Грција или тоа ќе биде еднострано.

„Нашиот идентитет, нашето име не се брани на плоштадот во Скопје, туку со Европска политика. Како ќе убедиме некого ако клоцаме“, рече Димитров.

Димитров е на став дека на Македонија и треба државен консензус околу името, и смета дека критиките и ставот на Никола Груевски кон политиките на новата влада не ја делат сите во опозицијата.

„Не знам дали опозицијата е толку унисона и монолитна како што беше, и дали сите го делат ставот кој го изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи во интервјуото на Топ Тема на Ваша страна зборуваше и за евроатлантските интеграции на Македонија прит што рече дека во наредниот период се потребни  неколку черкори од страна на земјава во реформите кои, како што рече, се надева дека ќе успееме да ги завршиме, а кои ќе и дадат охрабрување на ЕУ. Притоа ги спомена чекорите како кинување на Советот за утврдување на факти, АКМИС системот, но и јасен норматив околу следењето на комуникациите.

Говорејќи за реформите и потребата од консензус со опозицијата за некои од нив да се постигне, Димиторв е на став дека „за големите работи ќе треба многу убедување со опозицијата“.

Димитров на прашањето дали постои план Б за евроинтегративниот процес и членството во НАТО и ЕУ,смета дека план Б енашата  издржливост.

„Планот Б се состои во тоа да бидеме издржливи на вистинскиот праве. Не може да го изгубиме моралнинот компас и да го ставиме државниот апарат во функција на неколку луѓе. Ако народот се покажа силен, мора и институциите да се покажа силни“, изјави тој.

Шефот на дипломатијата во интервјуотот во Топ Тема на Ваша страна најави дека во одмината фаза е договарањето за именување на првата група на амбасадори во 20 испразнети дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија.

 „Се работи за голема група и сите се кариерни дипломати“, најави Димитров. 

Веста е прочитана 1381 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.