Четирите синдикати со обвинувања до Министерството за труд и социјална политика

11 January, 2017 - 17:09

Четирите синдикати, исклучени од ССМ, го обвинуваат Министерството за труд и социјална политика дека ги прекршило законите, но и правилата на ССМ со тоа што го прогласило Живко Митревски за единствен легитимен претседател на синдикалната организација. Денеска остварија средба со претставници од министерството, но и покрај тоа што инсистирале, не успеале да го добијат решението кое му ја обезбедува синдикалната фотелја на Митревски.

„На нашето инсистирање да го добиеме решението, со цел да ги запазиме правните процедури, збркано делуваа, не знаеја, па ни ветија дека за два дена ќе го достават. Очигледно некоја тактика, некои задкулисни игри, кои самите не знаат како ќе излезат. Ние им предочивме дека ова е кривично дело и дека синдикатот ќе поднесе кривични пријави против сторителите“, изјави Пецо Грујовски, претседател на Синдикат на УПОЗ.

„Они го издале решението врз основа на изјави на градски синдикати каде што кажуваат дека му даваат поддршка на Живко Митревски, на претседатели на грански синдикати. Па, претседателите на грански синдикати не го бираат претседателот и не гласаат дали Живко Митревски да биде претседател или не. Се знае, гласа конгресот, а помеѓу два конгреса гласа советот, а на тој совет му беше дадена недоверба на разрешениот Живко Митревски“, вели Дарко Димовски, претседател на СУТКОЗ. 

Од министерството тврдат дека до нив е доставена документација, според која, 12 од вкупно 17 грански синдикати не биле известени за иницијативата за смена на Митревски и не учествувале на таа седница на советот.

„Евидентно е дека е донесено нелегитимно решение за промена на претседателот во нелегална процедура. Согласно со ова министерството донесе решение со кое го поништи претходно донесеното решение, со кое претседателот Живко Митревски беше разрешен од должноста и на негово место беше назначен Дарко Димовски“, велат од Министерство за труд и социјална политика. 

Претседателите на четирите сидникати попладнево се сретнаа и со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Од него добиле ветување дека МВР ќе ги расчисти физичките напади врз нив извршени во претходните денови, како и дека ќе им обезбеди пристап во зградата во ССМ, која Митревски ја обезбедува со приватно обезбедување.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 1542 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.