Центарот за деца со посебни потреби во Македонска Каменица речиси една година стои празен

19 August, 2017 - 16:24

Центарот за деца со посебни потреби во рударскиот град Македонска Каменица речиси една година стои празен. Во него треба да се згрижат 30 тина деца од оваа општина. Во изминатите неколку децении тие секој ден патуваа до центарот за посебни потреби во соседно Делчево, кое е одалечено околу 30 тина километри. Родителите и локалната власт сметаа дека со неговата изградба го решиле проблемот, но од четврти септември, кога и стартува новата учебна година овој објект нема да се пушти во употреба. Причината е што вработувањата на стручниот кадар кој ќе работи со децата заглавија со политичката криза, потоа предвремените параламентарни, а сега и локалните избори. Барањата за вработување на стручен кадар се доставени уште на крајот од 2016 година.

Богатата рударска општина Македонска Каменица самата го изгради центарот за деца со посебни потреби, во него се инвестираа 11 милиони денари, а од министерството за труд и социјална политика се искористени два милиони денари. Засега со 30- те дечиња и со  современите помагала, компјутери, надгледни средства нема кој да работи.

Од министерството за труд и социјална политика информираат дека се запознати со случајот за вработувањата во центарот за деца со посебни потреби во Македонска Каменица, но вработувањата во овој центар можат да се случат со планирање на буџетот за  2018 година.

Викторија Јованова

Веста е прочитана 1049 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.