Булгаков наш современик

17 November, 2015 - 15:23

Четири години по првите најави, Македонскиот народен театар на први и втори декември ќе ја изведе премиерата на претставата „ Мајсторот и Маргарита “ , работена според романот на големиот руски писател Михаил Булгаков. Режисер на претставата е Иван Поповски, докажано име на современиот руски и европски театар, кој со овој проект се враќа во родната земја, по пауза од 14 години.

Булгаков во 60 тите години на минатиот век, постхумно, стекнал светска слава со романот „ Мајсторот и Маргарита“. Ова дело не го објавил додека живеел, поради цензурата од Сталинистичкиот режим на која бил изложен. Од тука стравот е една од темите во романот и во претставата, вели режисерот Иван Поповски.

За Булгаков и Сталин можам многу да зборувам. Најинтересно од се е што Булгаков не можел да си го прости. Затоа овде влегува темата за стравот. Тука најважни теми се сепак, вистината, слободата, љубовта и стравот, вели режисерот Поповски.

 „ Мајсторот и Маргарита“ се најавува како голема претстава со која МНТ врти ново поглавје од своето постоење. Таа ќе трае околу 5 часа, а за нејзиниот спектакуларен карактер , подреден на жанровската мешавина од фантастика, преку сатира до реализам, на располагање е целокупната сценска техника. Во подготовките се вклучени дизајнерот на светло од Русија, Владислав Фролов и италијанскиот магионичар Гаетано Триџано. Тој му помогнал на Оливер Митковски, за ликот на Каровјев.

Тоа се едни од најефектните делови во самата претстава. Така што се надевам дека ќе уживате, вели актерот Митковски.

Како сложена претстава во која паралелно течат три приказни „ Мајсторот и Маргарита“ го вклучува целиот ансамбал на МНТ, актери од други театри во земјава и студенти од ФДУ и ЕСРА. Главните улоги им се доверени на Дејан Лилиќ, Никола Ристановски, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски , Петар Мирчевски и Драгана Костадиновска.

Кога ја читав Маргарита, мене сите нејзини постапки, начинот на кој што размислува, се радикално што презема, мене ми беше многу точен, вели актерката Костадиновска за својот лик.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се авторство на Марија Пупучевска, изборот на музика е на режисерот Поповски, а кореографијата е на Искра Шукарова и на Нина Деан.   

Сотир Трајков

Веста е прочитана 215 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.