Бујар Османи: Владите треба да носат храбри одлуки, а не емоционални

21 July, 2017 - 15:58

Владата во делот на евроинтеграциите следи две линии на движење, едната е планот 3-6-9, а другата решавање на политичките прашања во кои влегуваат меѓуетничките односи и отворенето прашање со Грција и со Бугарија, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Според него, најавеното потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија е само една од потврдите за тоа каков присттап има Владата во однос на решавањето на овие прашања.

Османи повтори дека очекува консензус меѓу власта и опозицијата за планот 3-6-9. Евроинтегративниот пат мора да се подигне на супранационално ниво, по примерот на Хрватска каде пред државата да влезе во ЕУ, власта и опозицијата се договориле дека ќе расправаат за други теми, но не и за овој пат, рече вицепремиерот за евроинтеграции. Кај нас е многу  важно планот 3-6-9 да се одвои од другите дневно политички теми.

Претставниците на невладиниот сектор на кои денеска Османи им го претстави системот за мониторирање, имплементирање и информирање побараа планот да предвиди и мерки за тоа како владата ќе соработува со нив.

Според Османи, изборите ќе бидат првиот тест дали оваа влада е различна, а со оглед на тоа дека се работи за краток рок нема да се оди на системски реформи кои бараат промени на законите. Главно, тоа се мерки за внатрешна консолидација на ДИК, ажурирање на избирачкиот список , мерки за одвојување на државата од партијата.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 1385 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.