Бизнисот со станови го уништи зеленилото во Карпош

19 August, 2017 - 17:23

Ланското лето протестираа против паркинзи во паркот, ова лето добија багери и градилиште за станбена зграда. Жителите на Карпош 4 добиваат една, а губат друга битка со градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски. Малата и стара семејна куќа, доби дозвола во 2012 година, кога никој не гледаше во тогашниот детален урбанистички план, сега приватен инвеститор удира темели за четирикатница залепена до училиштетото Петар Поп Арсов и станбениот плански граден блок во 70-тите години. Уште позагрижувачки е што во деталните урбанистички планови крај новите објекти ги снемува парковите. Токму ваквиот потег на општинарите е со намера новите згради да добијат паркинзи, тврдат од граѓанските иницијативи, последниот бедем на зеленилото во скопски Карпош.

Но, кога и како бизнисот со станови го намерачи Карпош, општина со најголем број посадени темјанушки?! Ако се погледне интернет страницата на општината официјално стои дека во 2015 година е изгласан ДУП, една недела пред Нова година, во 2016 година, еден ДУП во јули кога граѓаните се на одмор или еден на денот на коледарските огнови.

Дупот за Карпош 3 е стопиран по масовните протести на граѓаните, нема да се гради бензинска и две сервисни улици, но населбата Тафталиџе падна. На потегот крај гиманзијата Георги Димитров се подига огромен станбен ѕид, а протокот на воздух се стопираше и од кај студентскиото дом Гоце Делечев, исто така со станбени објекти.

Во Карпош нешто мириса, вели Цветановски, а пријавите за загадувачите фаќаат прашина во фиоките на инспекциите додека граѓаните се организираат како да го најдат загадувачот.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски е зафатен со работни обврски, но затоа тој е првиот политичар кој си нарача да му се направи апликација за мобилни телефони за да можел полесно да комуницира со граѓаните. Тие на интернет да му напишат каков проблем имаат, а тој да го решава, иако на апликацијата засега се објавуваат проектите кои ги реализира општината. Јакимовски не бега од нападите на граѓаните дека во Карпош се уништува зеленилото, со одговор дека во Карпош се изгради еден од најголемите зелени паркови во државата долж булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а дел од урбаните заедници добија и плоштади и фонтани, урбанизирани паркинг места. Одговор од Јакимовси се уште нема за деталниот план со кој потегот од ресторанот „Имес“ долж кејот на Вардар доби градежна дозвола, иако за дупот допрва ќе треба да се изјаснат жителите.

Павле Беловски

Веста е прочитана 8852 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.