Бизнисот нестрпливо чека Влада

17 February, 2017 - 18:24

Бизнисот нестрпливо чека формирање нова политичка влада. Стопанствениците се жалат дека техничката не ги исполнува обврските што би ги исполнувала нормална влада и заради тоа компаниите веќе подолго време се претворени во заложници на политичката криза. Претседателот на стопанската комора на Македонија, Бранко Азески порача дека бизнис секторот покажал трезвеност во целата ситуација. 

- Не може да се рече дека политиката не влијае на економијата ама оваа криза покажа дека бизнис секторот во Македонија е веќе способен да се носи со секакви предизвиц. Видовте дека ние во овие две години воопшто не кревавме паника околу тие работи, си ја гледавме и си ја бркавме својата работа, но да не беше кризата ќе постигневме многу поголеми профити и многу поголем БДП, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Стопанственикот Горан Рафајловски предупреди дека бизнис секторот ќе плати огромна цена заради, како што рече, тактизирањето на ДУИ. Алармираше дека јавниот сектор во овој вакуум период повторно почнал да доцни со исплатата на долговите кон приватниот сектор, а приоритет на новата влада ќе биде токму расчистување на овие обврски.

- Тоа значи сигурно една голема позајмица од преку една милијарда евра која ќе овозможи во буквална смисла на зборот профункционирање на стопанството, а стопанството тие пари ќе ги врати и тоа како на РМ со креирање нови работни места, со создавање вишок, со плаќање даноци и едноставно ќе создаде подобра бизнис клима, вели Горан Рафајловски, стопанственик

Претседателот на Здружението за рударство, Николајчо Николов посочи дека главен проблем е тоа што стагнира развојната компонента на македонската економија.

Производството во рударскиот сектор се` уште се одвива нормално затоа што тоа зависи од луѓето кои работат таму меѓутоа развојната политика, добивањето дозволи за проширување на концесии итн. практично не функционира, бидејќи имаме застој во функционирањето на владиниот сектор, вели Николајчо Николов. 

Според Азески, главна задача на новата влада ќе биде да воспостави високо ниво на дијалог со коморите и при носењето на законите и при нивната имплементација. 

 

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 601 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.