БДП во трет квартал 0,2 %

7 December, 2017 - 17:29

Економијата мрдна од негативната зона. По пикот, од минус 1,3 % што го имаше во вториот квартал како резултат на политичката криза, БДП во периодот од јули -септемрви достигна 0,2 %. И во овој период продолжил да паѓа главниот носител на економскиот раст, градежништвото.Од минус 17 % во вториот, сега овој сектор е речиси 12 % под нулата. Бруто инвестициите се речиси 10 % намалени поради забавеното трошење на државата во тој период, кога почна ребалансот на буџетот и кратењето на непродуктивните трошоци.

„Јасно видливи се трагите од политичката криза и во третиот квартал, иако оптимизмот којшто се појави по формирањето на новата влада влијаел за благо олабавување на политичките стеги врз економијата. Од овие податоци е јасно дека на економијата веројатно ќе и треба повеќе време за да се врати на постабилна патека на растот, особено што бруто инвестициите и понатаму забележуваат пад, а растот на извозот забавил“, кажа Марјан Петрески универзитетски професор.

Рударството е во уште подлабока негативна зона, бележи пад од 4,1 %,, паѓаат научните и финансиските дејности,јавната управа, образованието и здравството. Најголем пораст пак од 9,8 % има во трговијата, поправката на возила, хотелиерството и рестораните, а потоа и во земјоделието. Економистите велат дека оптимистичко е очекувањето дека БДП ќе има позначителен раст во последното тромесечје, па може да се очекуава владата да ги ревидира проекциите за раст од 2,2 %.

Технички не сме во рецесија но речиси и да немаме никаков раст годинава. Сосема е јасно дека целата 2017 ќе се заврши со многу понизок раст од проекциите кои циркулираат наоколу, односно вкупниот раст ќе биде околу нула“, кажа Марјан Петрески универзитетски професор.

Во првото тримесечје БДП не растеше, а во второто од првичниот минус од 1,8 % статистика го ревидираше на минус 1,3 %. Невработеноста во истиот период се намалила на 22,1 % што е намалување од 0,5% во однос на претходниот квартал.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 1998 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.