Барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски мора да ги содржи сите обвиненија

22 October, 2017 - 15:05

Во барањето за екстрадиција на Горан Грујовски и Никола Бошкоски мора да се стават сите обвиненија кои се поднесени против нив, но и податоци за предистражни постапки за двајцата екс началници на УБК - доколку има такви постапки поведени во СЈО или во обвинителството (до почетокот на процесот за екстрадиција).

Доколку пак Македонија го посочи само предметот „Тврдина Таргет“ за кои двајцата добија притвор по што избегаа, тогаш во македонски суд ќе може да им се суди само за тоа дело, а не и за други предмети и обвиненија како што е например „Тврдина 2“ за Горан Грујовски, оценува адвокат Звонко Давидовиќ, кој вели дека сега треба да се биде внимателен со барањето, во активностите да се вклучи и СЈО, доколку има предистражни постапки за да се избегнат грешки и пречки за некои други судења во иднина.

Досега имало неколку случаи кога поради непотполно барање за екстрадиција, екстрадираните не можеле да бидат судени за други дела за кои се воделе постапки. Во случајот со двајца вработени во УБК, проблемот е и со докази кои се класифицирани или се поврзани со нивната работа во тајната служба. Давидовиќ вели дека судот мора да процени колку докази се доволни за да се обезбеди екстрадиција, а доколку има потреба некои докази и ќе декласифицира со внимание за безбедносни информации.

Горан Грујовски и Никола Бошкоски во средата попладне беа уапсени во Солун по меѓународни потерници. Двајцата се фатени со фалсификувани бугарски пасоши. Обвинети се и 84 дена беа во бегство за случајот „Тврдина –Таргет“, каде се обвинети за нелегално прислушување и за уништување на опрема за следење на комуникации, а делото за кое се гонат е злоупотреба на положбата оти двајцата биле началник и заменик началник на таканаречената 5-та управа, односно оддел во УБК кој го вршел следењето на комуникации.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 2998 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.