Антикорупциска: Нема конфликт на интереси околу фирмата на Анѓушев

11 September, 2017 - 16:31

Нема судур на интереси во случајот со учеството на компанијата Фероинвест на вицепремиерот Анѓушев на тендерот на државната ЕЛЕМ, вреден околу 4 милиони евра. Вака денеска се произнесе и Антикорупциска, но првиот човек на комисијата, Тантуровски, вели дека сепак треба да се има предвид етичкиот и моралниот аспект. 

„Јас ја слушав изјавата на Анѓушев, се согласувам со него дека фирмата треба да продолжи да работи, дека таму има преку 800 вработени лица и дека тоа е нормална работа тие да продолжат да работат, но етичкиот и моралниот дел како заменик претседател на Владата тоа треба да го носи самиот сопственик на фирмата. Е сега дали фирмата треба да продолжи да работи со државата или може да работи со многу други приватни фирми тоа е веќе дел од етиката“, рече Тантуровски. 

И премиеропт Заев застана во одбрана на вицепремиерот, тој не гледа конфлит на интереси. Вели дека во случајов е најважно да се разграничи дека вицепремиерот ќе нема влијание при одлучувањето за тендерот. Како ние ќе ги привлечеме квалитетните луѓе од бизнис заедницата да учествуваат во подобрување на земјава, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги избркаат работниците, праша Заев. Премиерот е дециден дека законите мора да важат подеднакво за сите функционери, а во овој случај, тие се испочитувани. Оваа набавка мора да се одвива транспарентно до самиот крај, рече Заев.

„Јас прво, не гледам конфликт на интереси, бидејќи вицепремиерот не е управител на фирмата. Фирмата Фероинвест треба да продолжи да работи, . Ако одлучил Заев на господинот Анѓушев преку својот мандат да му даде вицепремиерско место, важно е да според законот има разграничување и се знае, кога има судир на интереси и кога нема. Јас ќе кажам вака- дали тоа значи дека семејството на Заев кое произведува ајвар, ниту некој од државните институции не треба да конзумира ајвар каде има исхрана во заеднички мензи. Фирмите во Македонија треба да живеат и работат“, рече Заев. 

И менаџерите на Фероинвест повторно се огласија, порачаа дека законите не се прекршени, тие ќе учествуваат и на овој и на други државни тендери.

„Изјавите на политичките партии нема да ги коментирам, но можам да каѓам дека согласно законите за спречување на корупција и судир на интереси сопственичката структура на Фероинвест не е во никаква незаконска контелација со управувањето на компанијата и со конкурирањето не само нха овој, туку и на било кој друг тендер. Фероинвест несамо сега туку и во иднина ќе учествува на тендери каде има свој деловен интерес и може да оствари деловен потфат“, рече Георгиев.

Според него, апсолутно е неточно дека овој тендер го добила Фероинвест, бидејќи тој се уште трае. Компанијата во изминативе десетина години добила 6 до 7 вакви тендери на ЕЛЕМ, за што велат, се специјализирани, и нудат најниски цени. Не кажаа колку точно тежат нивните зделки со државата, но велат, тоа е многу малку, 93 отсто од нашето производство оди за извоз. Вицепремиерот Анѓушев се повлекол во законскиот рок од управувањето со фирмата, од Фероинвест сметаат дека со учеството на државни тендери не му наштетуваат на угледот.

ВМРО_ДПМНЕ повторно побара поништување на тендерот и оставка на вицепремиерот.

„Ова е скандал од невидени размери и типичен пример за злоупотреба на државниот Буџет, се со цел лично богатење на врхушката на власт. Додека обичниот граѓанин макотрпно работи за просечна македонска плата, мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработува 2.6 милиони евра“, вели Арсовски.

Од ЕЛЕМ денска ги објавија податоците поврзани со текот на целата постапка. Понудата Фероинвест на тендерот на ЕЛЕМ ја доставил на 12 април овцаа година.

 Нина Нинеска Фиданоска

 

Веста е прочитана 3153 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.