Анѓушев-Жбогар: Реформите во енергетиката во фокусот на Владата

7 July, 2017 - 12:56

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар ја презентирал економската програма на Владата, при што нагласил дека ќе се работи на создавање добра бизнис клима и овозможување исти услови за инвеститорите, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.

Анѓушев упатил благодарност до Европската унија за поддршката на процесот во спроведување на реформите на патот на Македонија за евроатлантска интеграција.

Владата, посочил вицепремиерот, ќе работи на реализација на капитални проекти, важни за подигнување на конкурентноста на компаниите во земјата. Ќе ја стимулираме соработката помеѓу домашните и странските компании и ќе воведеме нов концепт за привлекување на инвестиции, што ќе биде транспарентен и со исти услови и за странските и домашните инвеститори, потенцирал Анѓушев.

Реформите во енергетскиот сектор, дополнил, ќе бидат во фокусот на Владата. Во согласност со договорот за Енергетска заедница и препораките на Европската комисија, до крајот на годинава ќе биде донесен новиот Закон за енергетика.

- Во новиот Закон за енергетика ќе ги имплементираме Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Ќе работиме на искористување на сите постојни капацитети за производство на енергија во земјата, но ќе поддржуваме и изградба на нови капацитети, особено од обновливи извори на енергија,  навел вицепремиерот за економски прашања.
 
Амбасадорот Жбогар, пак, посакал успех во реализација на економските политики и порачал дека ако се исполнат поставените цели, економијата на Македонија ќе расте со посилно темпо, што е во интерес и на земјата, но и на регионот и на Европската Унија.

Веста е прочитана 950 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.