Анализа на извештајот на ЕК: Загрижувачки пораки од Брисел

10 November, 2016 - 19:05

Заклучокот на Брисел дека Македонија назадува најмногу во регионот додека нашите соседи напредуваат кон Европската Унија е убедливо најзагрижувачки досега. Препораката за започнување преговори која практично е замрзната од лани, сега едвај се споменува. Само уште Албанија доби условена препорака единствено за спроведување на судските реформи, а кај Македонија долг е списокот на условите. За политичките експерти алармантно е што во овој извештај Европската Комисија, без дипломатски ракавици, директно соопшти дека во Македонија државата е заробена.

Само острите и директни пораки можат да помогнат да биде прекинат овој лет во место на Македонија, смета поранешниот амбасадор Никола Димитров.

Во Институтот за европски политики, каде што се следи спроведувањето на реформите, оценуваат дека Македонија во моментов е помалку подготвена за влез во ЕУ, отколку пред осум години. На Брисел му е доста од партиски договори, сега очекуваат последниот Договор од Пржино да се спроведе за да се одржат кредибилни избори и новата Влада сериозно да се фати за работа.

Македонија воопшто нема да биде на дневен ред на Европскиот совет во декември. По изборите на 11 декември  Европската Комисија подготвува план со рокови за реформите што произлегоа од Извештајот на Прибе, а новата Влада ќе има рок од година и пол да ги спроведе, бидејќи следните извештаи за сите земји кандидати Брисел ќе ги објави во март 2018 година. 

Сања Васиќ

Веста е прочитана 494 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.