Александар Петров: Скопје може да се поправи како Букурешт

10 May, 2017 - 16:11

Иако беше најавен дека ќе чини 80 милиони евра, според податоци на Балканската истражувачка мрежа на репортери, во периодот јануари 2007 - јуни 2016 година, за проектот Скопје 2014 се потрошени над 560 милиони евра, народни пари. Од таа сума, над 418 милиони евра отишле за 28 нови згради, 33 милиони евра се потрошени за 34 споменици, а најефтини се двете фонтани за кои се дадени над 3 милиони евра. Но, потребни се дополнителни суми сретства, време и нови проекти за враќање на стариот сјај на Скопје, а за пример може да се земе Букурешт, вели авторот на книгата „Град без љубов“.

„Во книгата исто така се разработува и Букурешт. Тој  беше предмет на слична агресија. И таму веќе има некои процеси, фази, како градот се смируваше и како сега зема тек. Може некои делови од таму да се земат како искуство за принципи и методологија, а се разбира тоа ќе остане и на нашата креативност и визија, како на најдобар начин да излеземе од сето тоа што ни се случи“, вели арфитектот Александар Петров.

Архитектот Петров со диплома од Универзитетот во Ферара, од 2013 е ангажиран на проширувањето на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција, а работел и други проекти во Скопје и Милано. Поучен од италијанските искуства со минатогодишните земјотреси, вели дека сите згради од Скопје 2014 не ќе може да се преместат.

„Каде што има архитектура која што е ад хок поставена, која не е подложена на ризик и е многу полесно и да се промени и да се помести, на некој начин. А во случајот со Скопје 2014, јас мислам тешко, тешко.“, додава Петров.

Книгата „Град без љубов“ е поделена во две целини. Во првиот дел авторот се осврнува на архитектурата во Скопје, на спомениците, транспортот, екологијата и активизмот, развиен со Шарената револуција. А вториот дел зборува за светската архитектура, преку примери со повеќе градови, меѓу кои е и Скопје.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 5561 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.