Акција за чистење на дното на Охридско езеро

23 September, 2017 - 20:16

Автомобилски гуми, пластични шишиња, најлонски кеси, покуќнина, азбестни цевки и друг цврст отпад беше изваден од днното на Охридското Езеро на градскиот кеј во денешната акција на членовите на нуркачкиот центар Амфора и клубот за подводни активности Охрид, која има за цел подигање на еколошката свест кај населението за заштита на овој значаен природен ресурс кој е под заштита на УНЕСКО.

-Езерото во главно го загадуваат охриѓани од Скопје нема да дојде некој да фрли машина за перење или тепих, се што ќе најдеме ќе извадиме на површина за да се види.- изјави Д-р Горан Белески од клубот за подводни активности Охрид.

Најмногу отпад има на крајбрежјето, додека во подлабоките делови ситуацијата е подобра, велат охридските нуркачи. Најкритично е кај Трпејца каде во езерските води има поголеми количини градежен шут кој датира од времето кога се уриваа дивоградбите во туристичката населба, што негативно влијае на подводниот жив свет.

-Не станува збор за хемиско или биолошко загадување за да премногу алармираме дека не е во ред, има ѓубре кое треба да се извади но не претставува преголема закана. - вели меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски.

Вакви акции охридските нуркачи организираат редовно веќе 20 години. Велат дека се чувствува напредок и дека од година во година се намалува отпадот во езерото, но според нив недостига поголема ангажираност на институциите за заштита на животната средина и казнување на несовесните граѓани кои го загадуваат Охридското Езеро.

 

 

Горан Момироски

Веста е прочитана 331 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.