Академик Ќулавкова: Очекувам одлучни чекори од СДСМ

20 April, 2017 - 15:55

За да се реши кризата, СДСМ мора да преземе одлучни чекори, сугерира академик Катица Ќулавкова. Вели и дека, ако политичките субјекти и мислат добро на државата, треба да придонесат да се одблокира ситуацијата и да се востановат демократските процеси по нормален пат.

Германската амбасадорка, која вчера се сретна со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Штип порача дека, секогаш има излез, но за да се дојде до него, треба да се следи патот на изборниот резултат.

Пораките од амбасадорите за избор на претседател на Собранието и формирање Влада, засега немаат ефект. Македонија веќе четири месеци од вонредните парламентарни избори нема нова влада, нема Претседател на Собранието, а на градоначалниците и претседателите на Советите на општините им истече мандатот, а локалните избори немаше кој да ги распише.

Заев деновиве најавува дека Собранието ќе се одблокира за многу брзо време, но од ВМРО-ДПМНЕ постојано се повикуваат на загарантираното право на дискусија согласно Деловникот за работа и законите. Упорно бараат нови избори, додека опозицијата инсистира на мирно предавање на власта. Во меѓувреме тече 15-та седница, а проценките се дека, ако се продолжи со ова темпо, пратениците нема да изберат претседател на Комисијата за избори и именувања до крајот на јуни, а дури потоа треба да следи изборот на Претседател на Собранието. 

Далиборка Демјанска Цветановска

Веста е прочитана 4762 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.