9000 евра за лижавчиња, гумени бонбони, јајца од јапонска потполошка

13 September, 2017 - 16:51

Машки чорапи, лижавчиња, гумени бонбони, јајца од јапонска потполошка, цигари, влажни марамици. Ова со пари од Буџетот на Агенцијата за вработување купувала Слободанка Алексовска, раководител на Центар за вработување на Град Скопје. За година и пол потрошила 9000 евра, тврди директорката Билјана Јовановска. Алексовска е суспендирана од работното место, а ќе заработи и кривична.

Донесена е и одлука за поведување дисциплинска постапка. Во тек е комплетирање на документација неопходна за поднесување на кривична пријава за сторени кривични дела од нејзина страна. Слободанка Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овлчастувања, нанела штета на имотот и буџетските сресдтва на Агенцијата, изјави Билјана Јовановска, директор на АВРМ.

Алексовска незаконски ги користела и службените возила. После работното време, за викенди, слободни денови, па дури и за време на годишен одмор се возела со службените БМВ и Алфа Ромео.

Од буџетот на АВРМ трошела средства  за патарини и паркинг услуги надвор од работното време, во неработни денови и во доцните вечерни часови. Исто така, за угостителски услуги се направени повеќе сметки со износи над 6000 денари во доцните вечерни часови и викенди, додаде Билјана Јовановска, директор ан АВРМ.

Алексовска во јавноста стана позната по изјавата „Ќосето живее во сите нас“ од протестите пред  Државната извборна комисија. Покрај функцијата во Агенцијата за вработување, таа е и советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ги негираше истражувањата кои покажуваа дека партисата книшка е главен предуслов за вработување, напротив како што велеше, најважни критериуми се стручноста, амбициозноста и компетентноста.

Инаку, покрај за Алексовска во тек се ревизии  и за многу други неправилности во управувањето и работата на агенцијата. Директорката Јовановска најави дека ќе го прошири списокот на лица кои ја злоупотребиле службената положба.

Весна Јовановкса Дојчиновска

Веста е прочитана 12407 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.