70 години од Друштвото на писателите на Македонија

16 February, 2017 - 16:18

Друштвото на писателите на Македонија го одбележа јубилејот 70 години од формирињато на македонската писателска асоцијација. На свечениот собир беа врачени и наградите на добитниците за најдобри книжевни остварувања во 2016-та година. Во седумдеценискиот развој на Друштвото на писателите на Македонија се вградени духовните специфики и вредности, традицијата и историјата, своевидна константа на стремежите и интересите во афирмацијата на книжевните вредности и македонскиот јазик, забележа претседателот на ДПМ Веле Смилевски.

„Затоа и велиме дека гласот на писателите е во нивните дела, во илјадниците томови создадени  и објавувани  изминативе децении, кои остануваат да сведочат, преку книжевните вредности, за светогледот  на поклониците на пишаниот збор, за нивните погледи  и разбирања, за нивните стојалишта, за нивната естетика и  филозофија на создавање и живеење“, забележа претседателот на ДПМ Веле Смилевски. 

Во рамките на свечениот собир беа врачени наградите за најдобри книжевни остварувања во 2016-та. Добитници на признанијата се: Гордана Михаилова Бошњаковска, добитник на „Ацо Шопов “ наградата за поезија, Лилјана Пандева на наградата „Стале Попов“ за проза, наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика  ја доби Кристина Николовска и наградата „Ванчо Николески“ за најуспешна книга за деца му беше врачена на Александар Поповски.

„Годинава е особено важна оваа награда и сите што ги добивме затоа што се поклопуваат со овој прекрасен јубилеј на ДПМ. И за мене најважно што оваа награда се изнедрува од едно извонредно богато творештво на македонски јазик во изминатава 2016-та година. Богато како по квалитет, така и по квантитет, истакна Лилјана Пандева“, добитничка на наградата „Стале Попов“.

Со денешниот свечен собир Друштвото на писателите на Македонија му оддаде  и посебна почит  на  првиот претседател на ДПМ , големиот поет, раскажувач, книжевен историчар, лингвист и преведувач Блаже Конески, најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20-от век. Во рамките на одбележувањето на седумдеценискиот јубилеј, Друштвото на писателите на Македонија ќе им подари по илјада книги на библиотеките на основните училишта „Блаже Конески“ и  „Ацо Шопов“ и на библиотеката „Славко Јаневски“ во Скопје.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 375 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.