3-ца повредени во инцидент кај Бит пазар- Комити по Сосиедад демолирале автобус

19 October, 2017 - 23:09

Во инцидент кај Бит пазар по натпреварот Вардар-Сосиедад (0:6) повредени се најмалку 3 лица, а оштетени се два автобуси, потврдија од полицијата која се уште е на терен.

Инцидентот започнал во приватен автобус број 50 на ЈСП кој сообраќал во правец кон Бит пазар, а внатре се степале навивач на Вардар и патник. Друго лице за кое се претпоставува дека исто така е припадник на навивачката група дошло до возачот и го грабнало воланот по што автобусот почнал да се движи во страна. Автобусот потоа удрил во друг автобус со број 20 на ЈСП.

Навивачите излегле надвор и почнале да фрлаат со камења кон автобусот и ги искршиле стаклата на 20-ката која вози до населбата Шутка. 

Инцидентот продолжил кога на провокациите на Комитите кај Бит пазар дошла група навивачи на Шкупи, Шверцери и започнале пресметка меѓу себе, тврдат аочевидци на настанот за Телма.

Полицијата стигнала на лице место и двете групи се разотишле. Но во инцидентот се повредени 3 лица, велат од МВР. 

Се уште е во тек истрага. Полиција во првичното официјално соопштение не потенцира дека станува збор за навивачка пресметка.

На фотографијата на весникот Коха се гледа демолираниот автобус број 20, полицијата која врши увид и граѓани од околината.

М.С.

Веста е прочитана 15867 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.