2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид

13 October, 2017 - 14:51

Во Македонија 2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид. Потребно е подобрување на квалитетот во образованието, социјалната инклузија која им е неопходна на децата со визуелно нарушување, инфраструктура, дактилни патеки и многу други работи кои би го олесниле пристапот за нив.  Ова денеска го истакна Суарет Алишан од НВО „Детски свет нов почеток“, на настанот насловен „Различни, посебни, а еднакви – Менуваме“, кој се одржа во Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ по повод 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап - симбол на лицата со визуелно нарушување на видот.

„Бројката од 2.500 деца со оштетен вид е застрашувачка, бидејќи тоа се деца од претшколска возраст и во неа не се опфатени децата од основните и средните училиштата, високото образование или деца кои никогаш немале пристап до училишната клупа. Денеска сме тука за да покажеме дека и ние лицата со визуелно нарушување сме еднакви како и останатите без оглед на нашата попреченост, да ги испромовираме нашите цели и заложби за кои како организации се залагагаме“, рече Алишан.

Тој посочи дека се еднакви како и останатите деца, дека училиштето „Димитар Влахов“ е отворено и за останатите деца без оглед дали имаат визуелна попреченост.

„На 15 октомври на плоштадот Македонија ќе се одржи симулација каде луѓе кои немаат пречки во видот со превез ќе свртат еден круг околу фонтаната за да видат како ние лицата со оштетен вид поминуваме едно секојдневие во општеството “, истакна Алишан.

Директорот на Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов рече дека се вложиле сите заеднички на учениците да им се овозможат услови и образование какво што им е потребно.

 

Веста е прочитана 177 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.