16 години од Рамковниот договор

13 August, 2017 - 15:39

Потпишувањето на Охридскиот рамковен договор стави крај на воениот конфликт во земјата. Договорот беше оценет како основа за добар меѓуетнички соживот, а неговите одредби се преточија во 15 уставни амандмани. Тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов, вели дека се што лидерите договорија во Охрид, стана дел од Уставот со гласање на огромно мнозинство од пратениците.

Од нормативен аспект, многу е направено, но во пракса, голем дел не е имплементиран, вели универзитетскиот професор Мерсел Биљали. За тоа, објаснува, е виновен албанскиот субјект, партизацијата и дискриминацијата на лицата кои не припаѓаат на ниту една партија.

Од Владата велат дека финишираат обврските од Рамковниот договор. Новиот Закон за јазици ќе ја допрецизира употребата на албанскиот јазик.

Законот за јазици не е спорен ниту за Здружението „Достоинство“. Негови претставници, откако положија цвеќе пред Споменикот на бранителите, рекоа дека воениот конфликт во 2001-та бил непотребен бидејќи Албанците и без војна ќе ги оствареле своите права.

Мировниот договор го потпишаа претседателот Борис Трајковски, четворицата лидери Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Арбен Џафери и Имер Имери, во присуство на олеснувачи од Европската унија и САД. ОНА се демилитаризираше и се преточи во партијата ДУИ.

Соња Николовска

Веста е прочитана 898 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.