Вардар рекордер, Јагањац прв стрелец во СЕХА

Вчера официјално заврши регуларниот дел од сезоната во СЕХА-лигата.

Вардар финишираше убедливо на првото место со 17 победи и само едно реми, додека вториот македонски претставник Металург заврши на седмата позиција со 22 бода, колку што има и шестопласираниот Татран Прешов.

„Металурзите“ треба да бидат задоволни од оваа сезона, бидејќи Халил Јагањац заврши на првото место на листата на стрелците со точно 100 голови. Уште двајца ракометари на тимот од Автокоманда се во ТОП 10 стрелци и тоа Филип Кузмановски, кој со 75 голови е на петото место, а тука е и пикерот Жарко Пешевски со 65 голови на деветото место.

Најдобар стрелец кај Вардар сезонава во СЕХА е Тимур Дибиров, кој со 72 гола заврши на седмото место. Мартин Велковски е трет најдобар асистент во лигата со 45 асистенции, а веднаш зад него е Кузмановски со една асистенција помалку.

Кај голманите, Металург нема претставник меѓу најдобрите, но затоа има Вардар. Страхиња Милиќ е трет најдобар голман според процентот на одбрани со 34 отсто, додека прв е Светислав Веркиќ од Војводина со 37 отсто.

Завршниот турнир во СЕХА-лигата се игра во Скопје од 13 до 15 април, а полуфиналните двојки се Вардар против Брест Мешков, додека Загреб игра против Целје.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ