Трошачите на јавни пари со закон ќе се притискаат редовно да ги подмируваат долговите

Владата преку закон ќе ги притиска општините, буџетските корисници и јавните претпријатија редовно да ги евидентираат и пријавуваат своите долгови. Следната недела во владина процедура влегува законски текст, кој на сите трошачи на јавни пари ќе им наложи редовно да го полнат софтверот на Министерството за финансии, со податоците за своите обврски, така тие сами ќе мораат да ги намалат долговите.

Тоа ќе создава притисок врз сите елементи, вклучувајќи ги и тие што ги водат општините, да не создаваат нови обврски, туку да ги чистат, бидејќи јавноста ќе им прави притисок, ќе ги проверува, до каде се со обврските, дали ги реализирале. Ова прашање вака се решавало во многу земји, вака ќе го решаваме и кај нас“, рече Тевдовски.

На крајот на мај лани Финансии излезе со бројка дека сите државни и јавни институции вкупно должат 365 милиони евра, од кои само општините повеќе од 76 милиони. Меѓу најголемите должници се Охрид со 11,7, Тетово со 8,1 и Карпош со 7,7 милиони евра. Од Финансии тогаш се оградија од целосната вистинитост на овие бројки, затоа новиот софтвер тоа ќе го обезбеди, се очекува некаде до крајот на јуни оваа година.

Во буџетот за годинава е издвоена значајна сума за општините, за тие конечно да се раздолжат и нормално да функционираат, особено училиштата и градинките, но се зборува и за заем кој би го зела Владата за оваа цел. Министерот ова ниту го потврди, ниту го демантираше.

„Ние ги правиме анализите, кога ќе имаме дефинирани чекори, навреме ќе и ги соопштиме на јавноста“, вели Тевдовски.

На градоначалниците и на советите, пак, ќе остане обврската, да не се опуштаат и да не влегуваат во нови долгови, бидејќи и Владата и јавноста во нив ќе имаат целосен увид.

Со проектот за зајакнување на општинските совети, пак, преку Програмата за развој на Обединетите нации и Амбасадата на Швајцарија, ќе се зголеми нивната улога во законодавството, надзорот и застапување, во 6 општини, Велес, Чаир, Свети Николе, Валандово, Струмица и Охрид.

„Денес одиме со 6 општини, но ќе се изберат уште 18 во кои ќе се реализира овој проект во 2019 и 2020 година. По 60 илјади швајцарски франци за сите општини или вкупно 2,1 милиони франци за 22 општини“, рече Винтон.

Ќе се работи и на зголемена отчетност на општините кон граѓаните, но и на градските татковци кон општинските совети. Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу вели дека овој проект се реализира во време кога им е најпотребен на членовите на општинските совети, на почетокот на мандатот. Покрај финасиската одржливост и функционалност, според него, втора најважна работа е одговорноста, транспарентноста и отчетноста.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ