Трагедија на Кајмакчалан, загинаа двајца македонски планинари

Двајца млади македонски планининари ноќеска трагично ги загубија животите искачувајќи се кон врвот Кајмакчалан од грчка страна, најверојатно по пад во бездна.
По спасувачката акција која започна вчера во Грција, тие се пронајдени мртви претпладнево.
Македонското министерство за надворешни работи веќе доби потврда од грчките власти дека телата се извлечени од местото на несреќата, и со амбулантно возило, во придружба на полиција се пренесени во болницата во Воден, Грција каде ќе се утврдуваат причините за смртта.
Според првичните информации, станува збор за 26 годишна девојка и 35 годишен маж од Скопје , кои биле во група од 50 македонски планинар, но при искачување до врвот, се одделиле од групата и се загубиле.
Планинари меѓу кои биле и двајцата загинати, преку планинарското друштво Трансверзалец, тргнале од Скопје за Грција, вчера во раните утриснки часови во организирана дводневна акција за искачување на врвовите Кајмакчалан и Кравица на планината Ниџе. Кусо време откако групта започнала да се искачува, на двајацат планинари им се губи трагата, по што останатите членови ги известиле надлежните во Грција. Грчката противпожарна служба добила повик вчера попладнето во 14,30 минути и започнала спасувачка акција со 13 пожарникари и 3 возила. Околу 20 часот синоќа биле лоцирани мобилните телефони на двајцата планинари на 100 метри во територијата на Република Македонија. Во 3 часот утрово, настанот е пријавен во битолската полиција, по што биле известени Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, кои ги започнале подготовките за потрага на планинираите од македонска страна, но акцијата беше запрена откако телата беа пронајдени.
Од планинарското друштво „Трансверзалец“ не сакаа да зборуваат за несреќата. Она што е извесно, е дека вчера имало исклучително лоши временски услови за искачување на Кајмакчалан, а снежната бура подоцна ја отежнувала и потрагата. Што точно се случувало и како дошло до оваа трагедија, највероајтно ќе утврди истрагата, а наредена е и обдукција врз телата на двајцата млади планинари.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ