Тевдовски и Анѓушев јавно ги кажаа различните ставови за даночната реформа

Први несогласувања на јавна сцена во економскиот тим на Владата. Министерот за финансии Тевдовски смета дека со даночната реформа, за која дебатата стартува веќе од идниот месец и за која Владата сака да биде умерена, прагот на нето приходи кои ќе се оданочуваат со повисока стапка на персонален данок од 18 отсто треба да изнесува над 1.000 евра, толку земале само два отсто од граѓаните. Наспроти него вицепремиерот Анѓушев мисли дека таа сума треба да биде повисока, бидејќи на ова ниско ниво може да делува дестимулативно врз бизнисот. Различните ставови ги искажаа на денешниот панел за предизвиците на економските политики со наслов – Македонската економија помеѓу визија и дилема, организиран од Институтот Фајнанс тинк.

„Таа стапка сигурно нема да уди по средната класа. Луѓето кои имаат доход повисок од овој, тие два проценти, тоа се приходи кои во голем дел не се од труд, туку од капитал“, рече министерот Тевдовски.

„Немам конкретен одговор, но лично мислам дека треба да биде повисок прагот за оданочување. Можам само да ви кажам дека со министерот за финансии имаме одлична соработка. Јас не познавам каква е таа демократија во Владата ако сите имаат исто мислење по сите прашања, ние 11 години од животот имавме таква Влада. Во Владата и во општеството треба дебата за сите прашања“, рече Анѓушев.

Двајцата рекоа дека имаат добри односи и се среќаваат најмалку три пати неделно за да дискутираат за економските прашања.

Од ММФ порачаа дека клучен предизвик за земјава е како да се зголеми продиктивноста. Фондот бара поголеми вложувања во инфраструктурата, да закјакне владеењето на правото и поголема борба со сивата економија.

„Невбработеноста се уште е многу висока, над 20 проценти. Особено е висока долгорочната невработеност, стапката на луѓето што се без работа најмалку една година е многу голема. Ова значи дека треба да се надминат структурните слабости на пазарот на трудот. Исто така, треба да се зголеми учеството на трудот на жените“, рече Себастиан Соса, резидентен претставник на ММФ во Македонија.

Од Светска банка сметаат дека на мала земја како Македонија и се неопходни стапки на раст над 5 отсто, во спртотивно ќе и требаат над 20 години за да се доближи до стандардот на европските земји. Побараа и една битна промена.

„Едно истражување на ЕБОР за 2016 година покажа дека перцепцијата за Македонија е дека за да се успее во животот, најважен фактр се политичките врски, ние мора да го тргнеме фокусот од ова и клучни да станат вештините и капацитетот, а за тоа да се постигфне неопходни се силни институции“, вели Марко Мантованели, директор во Светска банка за Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев обелодени дека за многу инфраструктурни проекти во земјава, кога влегле во Владата не нашле ниту готови проекти, овие 10 месеци тоа е направено и можат да се распишат тендерите. За планот за економски раст рече дека е точно оти ќе поддржи околу 7.000 компании или 10 отсто, но тој број е многу поголем од досега, а ефектите од владините мерки ќе ги мери тим од МАНУ, заедно со универзитетски професори и стопанственици.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ