Светска банка како и Владата очекува раст од 3,2 отсто, аналитичарите сомничави

Светска банка има исти очекувања за економијата како и македонските власти, во јануарскиот извештај за глобалните економски перспективи прогнозираат раст за земјава од 3,2 отсто за 2018. Овие предвидувања се само малку пониски од јуни лани, кога очекувала 3,3 отсто.

„Во Македонија, по надминувањето на политичката криза, која имаше влијание врз економијата, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти“, велат од Светска банка.

Домашните аналитичари ни приближно не го делат оптимизмот на Светска банка, иако нотираат исти загрижености. Зоран Витанов за годинава очекува стапка од максимум 1,5 отсто, вели – Владата да биде задоволна ако постигнеме 2 проценти. Власта ја зголеми задолженоста и го зголеми Буџетот, нагласува, но тој е во огромен дел потрошувачкки, неразвоен, и нема доволно капитални инвестиции.

„Дали гледате што Владата толкува како капитални инвестиции, добар дел од тие капитални инвестиции не се тоа, не носат кост бенефит, исто како што и претходната Влада и спомениците ги ставаше во капитални инвестиции, а тие тоа не се воопшто. А ние економистите знаеме што е капитална инвестиција – она што на 100 инвестирани евра ќе донесе повеќе од 110 евра на крајот на периодот, тоа е капитална инвестиција“, вели Витанов.

За 2019 Светска банка очекува нешто повисок раст, 3,9 отсто, и сличен во 2010, 4 проценти. Витанов повторно се сомнева. Доколку не се направи сериозна реформа во сусдтвото, кое ќе ја гарантира сопственоста како услов за инвестирање, и ако Владата под итно не ја смени структурата на буџетот, со болни и непопуларни економски мерки, не можеме да се надеваме на стапки од 4 до 5 отсто, а ни требаат 8 проценти.

„Без енергетска политика, без 500 милиони евра вложени во енергетика, без инвестиции во Чебрен и Галиште, без мораториум на идни задолжувања за ништо друго освен за енмергетскат политика и инфраструктура, Македонија не може да оди напред. Ние дури и ја охрабруваме Владата да оди со 5 до 6 отсто дефицит во буџетот, но исклучиво да се задолжува за капитални инвестиции. А ние се задолжуваме за лужето што седат дома, а лепеле плакатаи, за да земаат плата, тое е неразумна политика, се задолжуваме за да исплаќаме пензии, тоа е неразумно, а дури и неуставно“, вели Витанов.

Ако администрацијата не се намали за минимум 15 отсто, смета тој, ќе продолжи да биде најголема пречка за економски развој.

Според прогнозите на СБ, лидер по раст во Западен Балкан ќе биде Косово со раст од дури 4,8 отсто, а пред нас е и Албанија со 3,6 проценти. Со Босна и Херцеговина ќе имаме иста стапка, а зад нас се Србија и Црна Гора.

За светската економија од Вашингтон очекуваат раст од 3,1 отсто, најдобар по финансиската криза. Сметаат дека заздравела поради зголемувањето на инвестициите, производните активности и трговијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

 

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ