фУДБАЛ

Вардар по бодови за простување од Лигата на Европа

6 December, 2017 - 17:40

Вардар утре пречекува Розенборг во рамки на последното коло од групната фаза во Лигата на Европа. По петте порази по ред, македонскиот првак сака да се прости од првиот настап во групната фаза со минимум еден бод, а амбицијата на тимот се сите три бода. На првата меѓусебна пресметка на овие две екипи, Розенборг на домашен терен славеше со 3-1.

„Ова за нас е последен натпревар во Лигата на Европа, ова ни служеше да собираме добро искуство, и ние како стручен штаб и фудбалерите видовме што значи да се игра во една ваква Лига. Овие мечеви треба да ни бидат мотив за следните сезони исто така да се обидеме да обезбедиме учество во вакви натпреварувања, бидејќи од овие фудбалери еден ден многумина ќе играат надвор, да знаат што ги очекува, и како е да се игра во Европа. Во овој последен натпревар сакаме да ги освоиме првите бодови, затоа што освен искуството мора да гледаме и резултатски. Знаеме дека резултатски не поминавме добро. На гостувањата бевме блиску, против Розенборг на гости одигравме добар натпревар со шанси, но за жал го загубивме. Со Зенит исто бевме рамноправен противник, особено во второто полувреме, каде што можевме да дојдеме до тој историски бод, и таму не успеавме. Утре ни е последен натпревар, последна шанса да дојдеме до бодови. Како тоа би го направиле? Со еден добар пристап организациски, тактички, желба, знаење и верба во своите квалитети и пред нашата публика, бидејќи знаеме дека двата меча дома не ги одигравме на нивото и доживеавме порази кои и ден денес не болат. Кончено очекувам со поддршка на нашата публика да ги освоиме тие бодови“, изјави Јаневски.

Тренерот на „црвено-црните“ за овој натпревар нема да може да смета на десниот бек Хофханес Хамбарѕумјан, а на истата оваа позиција веќе од поодамна е повреден Владица Брдаровски. Натпреварот се игра утре со почеток во 21.05 часот на арената „Филип Втори“.

Веста е прочитана 1501 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.