РАКОМЕТ

УШТЕ ДВА МЕЧА ГО ДЕЛАТ ВАРДАР ОД ПЛАСМАН НА Ф4 ВО КЕЛН

19 April, 2017 - 17:35

Вардар четврти пат по ред ќе игра во четвртфиналето од Лигата на шампиони. Повторно како пред три сезони за пласман на Ф4 турнирот се среќава со германски Фленсбург. Историјата се повторува, па и сега првиот меч е во Германија а реваншот е во Скопје.

Од таборот на македонскиот првак го знаат квалитетот на ривалот, но и сопствениот. Свесни се дека треба да играат на двата натпревара максимално и без опуштање. Рецептот за пласман во Келн е да се игра на победа уште на првиот натпревар. Игор Карачиќ е надвор од стројот и е неизвесен за првиот меч.

„Ако сакаме да успееме не треба да го чекаме дуелот во Скопје туку треба и таму да бидеме добри. Ние треба да се обидеме да победиме таму, иако тие имаат добра одбрана и напад. Треба да играме како на Ф4 во СЕХА лигата. Очекувам дека ќе биде тешко но имам доверба. Сакам да играме на Ф4, но треба да знаеме дека треба да го искористиме натпреварот таму“, изјави тренерот Раул Гонзалес.

Голманот Арпад Штербик е главната алка во црвено црниот синџир.

„Тука сме онаму каде што сакавме и каде ни е местото. Со Флензбург ќе се бориме да стигнеме до тој Ф4 во Келн. Имаме еден противник што многу го почитувам, последниве сезони ја освојуваа и ЛШ и во Гермнаија нешто значат. Мислам дека имаме екипа, и ако ги гледаме резултатите преку сезоната треба да ја бараме шансата, а таа шанса е добра да го минеме Флензбург. Нема да биде лесно, но уверен сум во екипата, во публиката и во цела Македонија. Тој еден чекор напред го заслужува и Вардар и македонскиот народ кои со години е со нас и го чекаат овој резултат„, изјави Штербик.

Капитенот Стојанче Стоилов се надева дека овојпат нема да се радува Фленсбург и конечно по четири години да се најдат на завршницата во Келн.

„Годинава бевме први во групата, ја освоивме СЕХА лигата, ја имавме најдобрата сезона. Мислам дека си должиме на самите себе, на клубот на навивачите да се пласираме на тој Ф4. Се надевам на позитивен резултат, и потоа со полна сала да го израдуваме клубот и градот“, потенцираше Стоилов.

До сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко стигнале не баш добри информации во однос на делегираните судии. Не му е јасно зошто ги делегирале судиите од Данска кои ја делеа правдата против Барселона, кога целата екипа, спонзорите и останати работници на Фленсбург се Данци. ПОради нова судиска неправда тој најави повлекување на седумте милиони евра кои ги финансира секоја година во првиот тим.

„Веројатно така одредила ЕХФ и ние треба да го почитуваме тоа. Но се надеваме дека од Флесзбург и ЕХФ ќе го пратат овој натпревар и ќе гледаат сѐ да биде како што треба и да не се повтори тоа што се случи пред три години. Ако се повтори истата ситуација со нашиот клуб јас ќе се повлечам од ракометот. Веќе немам сила да се борам, ќе останам во Вардар, но ќе се посветам на младите категории и ќе развиваме уште школи“, изјави Самсоненко.

Првата средба во Фленсбург е закажана на 22 април од 17 часот и 30 минути, додека пет дена подоцна ќе се игра реваншот во Скопје.

Веста е прочитана 472 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.