КОШАРКА

ПРВА ТИТУЛА ЗА КАРПОШ ВО КЛУПСКАТА ИСТОРИЈА, ГО ПОДИГНА ПЕХАРОТ ВО КУПОТ

19 February, 2017 - 21:12

Карпош Соколи е новиот освојувач на титулата во кошаркаркиот Лимак Куп на Македонија по триумфот во финалето над домаќинот Фени Индустри со 80:69, на завршниот турнир што вечерва се комплетираше во Кавадарци.

Пресуди искуството на нашиот претставник во АБА лигата. Го контролираше резултатот во текот на целиот меч освен во втората четвртина кога Кавадарчани обезбедија позитива од седум разлика или водеа со 33:26 во 16 минута. Карпош Соколи одговори со жестока серија од 16:4 кога им тргна шутот од надворешните линии и на одмор замина со предност од 42:37.

На почетокот од второто полувреме продолжи во ист ритам и првпат обезбеди двоцифрено водство од 49:39. Фени направи уште еден обид по серијата од 8:0 и се доближи на само два поена негатива, но тука завршија шансите за пресврт, пред Карпош Соколи да го реши мечот на половина од четвртиот период со најубедливо водство од 71:54.

Фени Индустри немаше сили за уште една сензација по елиминација од полуфиналето на ланскиот победник МЗТ Скопје. Во четвртото финале не успеа да ја освои третата титула.

Карпош Соколи лани немаше среќа во Гевгелија но годинава стигна до посакуваниот прв трофеј во клупската историја за која Доминик Мавра беше најзаслужен со 21 поен а воедно го доби и признанието МВП на завршниот меч. Него го пратеше Драган Лабовиќ со 17, двајца запишаа по 13 погодоци, Кендрик Пери и Драган Зековиќ. Кирил Николовски со 19 поени беше прв стрелец во празениот тим но и севкупно на турнирот.

Веста е прочитана 1447 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.