КОШАРКА

МЗТ И КАРПОШ ИЗБОРИЈА ФИНАЛЕ

9 May, 2017 - 20:55

МЗТ Скопје и Карпош Соколи ќе играат во финалето од плеј офот за шампионската титула во кошаркарското првенство.

Актуелниот првак пред своите гледачи во малата сала од СЦ „Јане Сандански“ го совлада Куманово со 84:64 и во третиот натпревар од полуфиналето за 3:0 во серијата подобар од пет. Откако го загуби првото полувреме со 43:39, домашниот тим мечот го реши во третиот период кој го доби 26:10.

Ѓорѓе Дреновац со 17 поени беше најдобар стрелец кај победничкиот тим, додека поразениот го предводеа Димитар Караџовски и Миладин Пековиќ, двајцата со по 13 погодоци.

Работнички не успеа да остане во игра откако вторпат беше совладан на домашен терен. Овојпат поради казната пред празни трибини, Карпош Соколи беше подобар со 76:65 елиминирајќи го со чисти 3:0. Гостите, кои првпат ќе играат во финалето за титулата во клупската историја, постојано беа во водство во текот на целиот натпревар одбивајќи ги нападите на домаќините да го свртат резултатот.

Бојан Трајковски со 21 поен и осум скокови беше главниот инспиратор за победата во редовите на освојувачот на Купот, додека Ѓорѓи Чековски со 15 поени беше прв стрелец кај Работнички.

Финалната серија за титулата прв до три победи помеѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи ќе стартува во петок со првиот натпревар што треба да се одигра во СЦ „Јане Сандански“.

Веста е прочитана 1210 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.