ТЕНИС

МУГУРУЗА НОВА ШАМПИОНКА НА ВИМБЛДОН

15 July, 2017 - 18:25

Гарбине Мугуруза го освои најпрестижниот трофеј во својата кариера откако во вториот обид за титулата славеше на Вимблдон - третиот грен слем тениски турнир сезонава.

На централниот терен во „Сеанглискиот“ клуб во Лондон, 23-годишната тенисерка од Шпанија, ја совлада во финалето 13 години постарата Американка Венус Вилијамс со максимални 2:0. Само во првиот сет беше неизвесно. Мугуруза го доби на разлика со 7:5, за потоа во вториот да ја прегази петкратната победничка, не дозволувајќи и во деветото финале да освои ниту еден гејм во мечот што траеше еден час и 17 минути.

За Мугуруза ова беше втора грен слем титула по ланската на Роалан Гарос. На Вимблдон пред две години на патот и застана помладата од сетрите Вилијамс, Серена, а сега по 2007 година ја спречи постарата Венус заедно со Рожер Федерер повторно во иста година да го слават трофејот.

Швајцарецот остана во игра и утре ќе се обиде да се закити со осмата титула на Вимблдон. Во машкото финале се среќава против Хрватот Марин Чилиќ.

Веста е прочитана 1516 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.