ФУДБАЛ

Милевски: Одговорноста за поразот од Гибралтар е само моја

11 October, 2017 - 17:05

Младата македонска фудбалска репрезентација доживеа срамен пораз од 1-0 на гости кај Гибралтар во рамки на третото коло во квалификациите за Европското првенство во Италија 2019 година.

Момците на селекторот Благоја Милевски дозволија Гибралтар да дојде до својата прва историска победа во оваа конкуренција. Претходно оваа селекција имаше четири порази од четири натпревари и гол разлика од 0-14, па Македонија несфатливо киксираше и си нанесе огромен срам. Ова е втор пораз по ред на нашите млади репрезентативци по оној од Србија во петокот во Скопје.

Селекторот Благоја Милевски ја презеде одговорноста за поразот на себе. Тој не бара изговори за ваквиот неуспех и и се извини на целата македонска спортска јавност и на навивачите, но и на фудбалската федерација на македонија.

„Нема оправдување, ова е срамен резултат и ја преземам одговорноста. Искрено жалам и упатувам извинување до целата јавност и навивачите, до Федерацијата која ни ги овозможи бараните услови за работа. Со репрезентацијата ги доживеав најубавите моменти во мојата кариера, а по синоќешниот пораз и најтешките моменти. Ќе повторам дека не бараме оправдување, ниту во неиграњето на Елиф Елмаз, ниту за многуте неискористените шанси за погодок. Едноставно, со или без Елмаз, ние моравме да најдеме начин да го победиме противникот. Јас сум тој кој го одредува составот и одговорноста е моја. Модерниот фудбал не трпи емоции, едноставно сурово сме казнети и мора да го прифатиме тоа. Најважно сега за оваа репрезентација е да бидеме сплотени, заедништвото одново да биде наша сила. Во изминатата година оваа репрезентација на неколку натпреварите покажа дека има потенцијал, искрено се надевам дека ќе продолжиме да бидеме одговорни како во дуелите против Црна Гора и Ерменија и нема да потценуваме противник, но и себе“, изјави Благоја Милевски.

За младата репрезентација следниот предизвик е селекцијата на Австрија со која играме во Скопје на 14 ноември во рамки на 4.коло од квалификациите.

Веста е прочитана 335 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.