РАКОМЕТ

МАКЕДОНИЈА ЗАВРШИ ШЕСТА НА СП ВО АЛЖИР

30 July, 2017 - 18:25

Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 21 година го освои шестото место на Светското првенство  во Алжир. Во последниот меч на мундијалот немаше сили за нов подвиг во борбата за петата позиција на која заврши Унгарија откако славеше со 26:22. Нашите надежи со овој пласман станаа најуспешната македонска селекција во ракометниот спорт на Светските првенства во сите конкуренции. На шампионатот одиграа девет меча и забележа пет победи а четирипати беа совладани.

„Црвено жолтите“ одлично го отворија мечот и го контролираа реултатот со позитива од два гола до 10 минута кога последен пат поведоа со 7:5. Од тој период Унгарците ги искористија грешките и серијата промашувања на нашите ракометари за да го свртат резултатот на полувремето за водство од 14:11.

Унгарија ја одржа предноста во второто полувреме а во два наврата имаше позитива и од пет голови за на крајот да слави и да го освои петото место на мундијалот.

Марко Нелоски со шест голови беше прв стрелец кај Македонија, по четири постигна тројца ракометари, Филип Талески, Филип Кузмановски и Марио Танкоски. Кај Унгарија Марк Ковач со осум голови беше најефикасен на средбата.  

Франција се избори за бронзениот медал откако во утешното финале ја совлада Германија 23:22, додека Тунис го освои седмото место по триумфот над Русија од 36:21. 

Веста е прочитана 1229 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.