ФУДБАЛ

Лионел Меси со хет-трик сам ја однесе Аргентина на СП во Русија

11 October, 2017 - 17:11

Бразил, Уругвај, Аргентина и Колумбија се четирите репрезентации од Јужна Америка, кои ќе играат на Светското првенство во Русија. Селекцијата на Перу како петто пласирана ќе игра бараж дуел со најдобрата селекција од Океанија, Нов Зеланд.

Последното коло од јужноамериканските квалификации донесе многу драма, поради изедначеноста на репрезентациите, а освен првото место на Бразил, другите места за „руска виза“ беа целосно отворени, за кои се бореа пет репрезентации.

Аргентина успеа да го обезбеди пласманот на мундијалот со гостинска победа од 3-1 кај Еквадор. Иако „гаучосите“ имаа само еден триумф на гостувањето во Кито, овој пат Лионел Меси буквално сам ја одведе Аргентина до победата. Домашната селекција прва поведе преку Ибара, но потоа на сцена стапи Лионел Меси, кој со три гола ја донесепобедата и толку посакуваните три бода за пласман на Светското првенство.

Бразил со победата од 3-0 го елиминираше Чиле од пласман на Мундијалот. Јужноамериканскиот шампион финишираше на шестото место на табелата, откако Перу и Колумбија одиграа реми 1-1. Уругвај со победа од 4-2 го обезбеди второто место на табелата, а Парагвај на домашен терен загуби од Венецуела со 0-1 и пропушти можност да се пласира на петото место и да игра бараж за Светското првенство.

 

Веста е прочитана 718 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.