ДЕБАКЛ НА ЖРК ВАРДАР ВО МЕЦ, ГО ДОЖИВЕА НАЈТЕШКИОТ ПОРАЗ ВО ЛШ

5 March, 2017 - 17:39

ЖРК Вардар доживеа дебакл на гостувањето кај Мец во ракометната Лига на шампиони. Францускиот тим славеше со 42:28 во петото претпоследно  коло од Главната фаза. Тоа значи дека го загуби првото место во групата еден на кое од денеска се искачи Ференцварош, кој одигра нерешено кај Турингер 29:29.

Црвено црните го доживеаа најтешкиот пораз во Елитната лига досега изразен со 14 голови. По серијата од осум победи го загубија вториот меч во низа откако кризата започна по оној од минатото коло пред своите гледачи против Будуќност.

Вардар само 10 минути одигра во својот ритам. По водството од 8:5, Мец одговори со серија од 5:0 и направи пресврт за 10:8. До крајот на мечот не ја испушти позитивата од своите раце и не му дозволи резултатски приклучок на противникот за четвртиот триумф со кој го резервира четвртото место во оваа конкуренција и пласманот во четвртфинале.

Андреа Пенезиќ со 10 голови беше најсветлата точка во редовите на македонскиот првак, додека кај домашниот тим, Ана Грос беше прв стрелец на средбата со 12 голови.

На табелата, Ференцварош е прв со 14 бодови, еден повеќе од ЖРК Вардар. Будуќност е трет со 10 бодови, додека Мец има осум на четвртата позиција.

ЖРК Вардар во следното последно коло на 11 март го пречекува Турингер против кого ќе се обиде со триумф да се врати на првото место, но тоа ќе зависи од исходот на средбата Ференцварош - Будуќност. 

Веста е прочитана 896 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.