ЃОРЃИЕВ:

ДА ОСТВАРИМЕ БАРЕМ ЕДНА ПОБЕДА

21 September, 2016 - 18:43

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев посакува „црвено-жолтите“ да остварат барем една победа и на тој начин да ги завршат квалификациите за Европското првенство 2017.

„Ни се случија некои повреди, некои многу лоши моменти и ние за жал не мислевме на одбојка, туку на други работи. Сето тоа се виде на натпреварите во Романија. Ситни детали го одлучија победникот. Не очекува турнир во Чешка, играме со истите противници. Мораме да направиме барем една победа и најбитно од се да се вратиме без повреди. Не се предаваме, но во ситуацијата во која сме ова е најреалното нешто“, истакна на денешната прес-конференција капитенот Ѓорѓиев.

И селекторот Николај Жељасков е убеден дека македонските одбојкари можат да освојат некој бод. Теоретски Македонија има се уште шанси да се пласира на Европското првенство, а еден од предусловите е да ги добие сите три меча на турнирот во Чешка.

„Наша цел е да се обидеме да победуваме на секој натпревар и верувам дека играчите ќе го дадат максимумот и на следниот турнир. Желба постои и овие играчи имаат квалитет да победат иако играат и со екипи посилни од нас. Продолжуваме да се бориме се додека имаме шанси“, рече Жељасков.

Македонија следниот викенд во Чешка го игра вториот квалификациски турнир за евро-шампионатот во Полска 2017 година. На првиот турнир одигран во Крајова, Романија, македонскиот национален забележа три порази, од домаќинот, од Чешка и од Естонија и на теорија ги сведе шансите за пласман на ЕП. 

Веста е прочитана 1174 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.