ФОРМУЛА 1

БОТАС ОСТВАРИ ДЕБИ ТРИУМФ, ЗА СЕФТЕ БЕШЕ НАЈБРЗ НА ПАТЕКАТА ВО СОЧИ

30 April, 2017 - 20:09

Финецот Валтери Ботас ја забележа првата победа во кариерата откако беше најбрз на четвртата трка сезонава во формула еден шампионатот што се возеше за Големата награда на Русија.

На патеката во Сочи возачот на „Мерцедес“ првото место го освои пред двоецот на „Ферари“ Германецот Себастијан Фетел и Финецот Кими Раиконен, кои го дополнија победничкиот подиум на втората односно третата позиција.

Вториот возач на „Мерцедес“ Британецот Луис Хамилтон беше четвртти додека од руското Гран при бодови освоија уште, Холанѓанецот Макс Верстапен на „Ред бул“, потоа следуваат двајцата возачи на „Форс Индија“, Мексиканецот Серхио Перез и Французинот Себастијан Окон, а од осмото до 10 место се пласираа, Германецот Нико Хулкенберг на „Рено“, Бразилецот Фелипе Маса на „Вилијамс“ и Шпанецот Карло Саинц на „Торо Росо“.

Во Генералниот пласман кај возачите, Фетел остана лидер со 86 бодови, 13 повеќе од второпласираниот Хамилтон. Ботас е трет со 63 бода.

Следната петта трка ќе се вози за две недели на 14 мај за Големата награда на Шпанија.

Веста е прочитана 833 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.