ФУДБАЛ

БАЕРН - РЕАЛ И ЈУВЕНТУС - БАРСЕЛОНА СЕ ДВЕТЕ МЕГА ЧЕТВРТФИНАЛНИ ПРЕСМЕТКИ ВО ЛШ

17 March, 2017 - 14:31

Две мега пресметки на фудбалските гиганти обезбеди денешното извлекување на двојките за четвртфиналето во Лигата на шампиони.

Во седиштето на Уефа во Нион, актуелниот европски првак Реал од Мадрид за противник го доби минхенски Баерн со кого првиот меч ќе го одигра како гостин на Алијанц арената. Дуелот на овие два тима ќе го одбележи враќањето на Карло Анџелоти на Сантијаго Бернабе како и пресметката на учителот Анчелоти против ученикот Зинедин Зидан. Во 2014 та година овој тренерски тандем во Лисабон го предводеше кралскиот клуб до 10 та титула во Елитната лига.

Втората голема пресметка во оваа фаза ќе се одигра во Торино каде Јувентус ќе ја нагости Барселона. И овој двомеч ќе понуди интересен и неизвесен фудбал.

Останатите две средби се помалку атрактивни. Ланскиот финалист Атлетико Мадрид за противник ќе го има англискиот шампион Лестер, додека Борусија Дортмунд се среќава со Монако.

Првите натпревари се закажани за 11 и 12 април, а реваншите ќе се одиграат на 18 и 19 април.

Во Нион беа извлечени двојките и за четвртфиналните мечеви во Лигата на Европа. Најголемиот фаворит за титулата во второто по ранг фудбалско клупско натпреварување екипата на Манчестер Јунајтед за противник ќе го има белгиски Андерлехт, кој ќе биде домаќин на првиот меч закажан на 13 април.

Во истиот термин на другите три средби се среќаваат, Селта - Генк, Ајакс - Шалке и Лион - Бешикташ.

Реваншите се предвидени да се одиграат на 20 април.

Веста е прочитана 1629 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.